Thursday, October 13, 2005

Од денешниот број на „Време“
NBA Macedonia - веб сајт за денеска. Ако го имате весникот, ѕирнете на последната страна, под Пецко. Ако не, еве ви линк.
Поради интересот на нашата јавност за спортот, понудата на содржини од оваа област на локални јазици е од голема важност. Според истражувањата на „Метаморфозис“, повеќе од 67 отсто испитаници велат дека повеќе би користеле Интернет ако има содржини на македонски. Затоа, значењето на блогот за НБА го надминува фактот што се работи за добродизајниран, често освежуван веб-сајт со растечка посетеност. Без разлика дали трае сезоната или не, на него има актуелни и духовито напишани стории, потпомогнати со релевантни фотографии и со фотомонтажи. Полезна е и напомената дека се работи за „неофицијален блог и ниедна информација не е потврдена“. Едновремено, информациите презентирани во написите изгледаат валидни и изобилуваат со статистички и со историски податоци за лигата и за играчите. Автори на блогот се симпатичните Анастас Вангели и Енес Каракаш. Вангели е познат во блогерската заедница и преку неговите лични ангажмани (offcharot, vunata, shepard - http://mrfut.blogspot.com). Од некоја причина, на постовите на блогот ги нема датумите на нивното излегување, што оневозможува целосна процена на неговата работа. Арно ама сајтот ги искористува речиси сите опции за интерактивност, па се дозволени коментари, а од неодамна се воведени и анкети. За заинтересираните за НБА, многу полезни се и надворешните линкови, кои се дел од шаблонот на блогот.
Да не ве замарам. Денес послабо новости. За сите новодојдени - раскомотете се и осеќајте се како дома. Најинтересното допрва почиња. За тоа време, побуричкајте по архивите.