Wednesday, May 03, 2006

Можат ли да го сопрат?!

(текст на нашиот прв регистриран контрибјутор Бето, кој пак водел инает и наместо да иде на write post, ми го пратил на мејл и среќа шо го видов на време, али нашиот најмал член изненадува позитивно :) )

Рамбо!

Дефинитивно најинтересен дуел од првата плеј-оф рунда и во двете конференции, може да се каже дека е Вашингтон – Кливленд, екипите во кои играат двајца од највисоката НБА елита, Џилберт Аринас кај Визардси и секако можеби овогодинешниот МВП на сезоната, 21 годишниот ЛеБрон Џејмс.

Се на се како што и предвиде и кажа порано Каракаш, Визардси најверојатно и сакаа да играат против ЛеБрон и компанијата во прва рунда… Лани, ја имаа истата оваа ситуација кога со меч помалку на домашен терен, во 6 натпревати успеаа да ги избуткаат Чикаго од разигрувањето. (абе друго беше - заб. на Шеп)

Од друга страна пак, Кливленд се во плеј-офот првпат по 1998 година, но тоа се чини до сега и не игра некој битен факт. Сепак, искуството може да биде тука решавачко, а тоа е на страната на Вашингтон. Во регуларната сезона пак, Вашингтон триумфираше три пати, за разлика од едната победа на Кливленд во меѓусебните средби, но тоа во плеј-офот се заборава.

Сега за сега, ЛеБрон води во директниот дуел со Аринас со 2:1, а вечерва им претстои според мене, решавачката утакмица која се игра во D.C.

Визардси би требало да влезат во овој меч помотивирано од кога било, по болниот пораз во петокот кога прокоцкаа и предност од 14 коша и дозволија Кралот да ги потопи во последниот напад.

Што може да се очекува вечерва од двете екипи, тоа е прашањето кое само се наметнува.

Вашингтон сигурно ќе атакува на победата и нема ништо да држи во резерва, како во првата партија, кога се чинеше дека Визардси играат премногу стегнато. Аринас сеуште не ги имал своите 5 минути и очекувам вечерва да биде негова. Очекувам, да има бар една 40+ партија во серијава, а ништо чудно тоа да биде вечерва. Ако ја добие и помошта, пред се` од Батлер кој е тоа како битна алка во системот на Еди Џордан, тогаш мислам дека имаат квалитет и знаење да ја изедначат серијата на 2:2.

Имаат и слабости секако, како и секоја НБА екипа ама дефинитивно најголем проблем им е тенката клупа и фактот дека Џордан во третиот меч со Кливленд играше само со 7 играчи, за разлика од Кливленд. Им фали еден висок играч од клупа (како што кај Кавси е Варежао) за да бидат поконкуренти на тимовите кои што имаат квалитетни центри. Хејвуд е солиден центар кој е доста скочен, а и помага во нападот, но во третата утакмица направи доста глупи фаули кои имаа свое влијание на текот на натпреварот. Џејмисон, како битна алка од ударното трио на Вашингтон мора да се разбуди и да игра како во своите најдобри денови, иако веќе може да се каже дека го помина зенитот во својата играчка кариера. Во третиот меч Џејмисон разочара со својата непромислена, брза, избувлива игра со која наликуваше на руки, а не на ветеран.

Кливленд пак, во своите редови го има еден од најдоминантните играчи во НБА, ЛеБрон кој во секој момент може да оди на противничкиот кош и да поентира, дали со влез или шут сеедно. Минус во оваа ситуација за него, е што првпат игра во разигрувањето. Но, за се има прв пат, и Реџи Милер и Мајкл Џордан и Меџик Џонсон играле првпат, а за третиов тоа и не беше проблем. Е сега, сите знаеме дека не е толку клач како Аринас ама во третиов дуел излезе обратно. ЛеБрон ја реши утакмицата, а Аринас утна чист шут за победа.

Многу важно за Кавси е тоа што баш за плеј-офот во имот се врати Лери Хјуз (кој до лани беше дел од Вашингтон), а по повредата на раката полека се враќа во форма и потсетува на ланската сезона во која блесна и си ја дигна цената. Во третиот меч во својот поранешен дом, даде 16 поени и така беше втор стрелец на својот тим, а и постигна многу битен фаул-кош кон крајот на четврта кога го израмни резултатот. Тука се уште и Зидрунас Брадаускас и Дру Браден кои даваат огромен придонес за тимот. Позитивна страна за тимот на Браун е тоа што имаат дебела, длабока клупа, играчи кои можат да дадат огромен придонес на крајот на мечевите.

Маршал тука секако треба да се спомне, играч кој е најискусен во тимот на Кливленд и токму поради тоа и беше потпишан летоска од Кавси, за во вакви ситуации. Мари, Џонс, Варежао... добра клупа дефинитивно. Како минус, би го издвоил слабиот шут за три поени на тимот.

Зошто оваа четврта утакмица треба да се покаже како решавачка?

Шеп навива за Аринас

Затоа што кој и да ја добие ќе добие и стимул и енергија за наредните натпревари. Ако ЛеБрон и вечерва го украде шоуто среде Вашингтон и урне уште некој рекорд тогаш дефинитивно Кавси ќе поминат во втора рунда. Ако пак Аринас успее да фати шут и го израмни резултатот на 2:2 се може да се случи. Тогаш предвидувам седма утакмица, а таму ќе победи искуството. Затоа tonight is the night и за двете екипи, и за Џилберт и за Брон.