По Двр, Бето, Чоте и Флајт, петорката на биг френдови на МакНБА се комплетираше со Ритрај, кој после 166584158-те коментари, конечно реши дел од своите погледи на работите да ги смести у текст...Ритрај е нашето најново дете. Ит шит, Есма!.....Тејк ит авеј, Ритрај, caмo немој да ни праќаш текстови како што ни оставаш коментари:) - К.
Поради фактот што по завршување на play-off-от и драфтот, освен потпишување договори, размени и стрижења, не ни остана речиси ништо друго, почувствував дека е момент да дадам мал осврт на (речиси) целокупниот развој и случувања во лигата од хронолошко-еволутивен (и можда уште некаков) аспект.
Би тргнал од примерот кој многумина од нас го даваат на блогов, а тоа е лупањето у гради за играчите што оставиле трага низ историјата на NBA, некои тврдат дека Jordan бил најдобриот на сите времиња, други викаат Chamberlain бил најдоминантниот центар, трети велат дека Russell е најдобриот одбранбен играч воопшто, дека Дражен е најдобриот европјанин (или уште повеќе неамериканец) што некогаш заиграл во NBA...



Сето тоа е во ред, зошто секој има право според своите информации што ги примил за овие играчи да си извлече свои заклучоци. Но, проблемот е - Зошто токму тие напумпани информации да бидат причината за тоа? Можеби и тоа е дел од маркетингшката стратегија на лигата, а да не зборам за медиумите што ја опкружуваат, кога го исфрлаат оној атрибут "best ever" или "најдобар на сите времиња". Јас би дал малку порационално објаснување на работите.
Тргнувајќи од своите почетоци, кошарката (или дури и ако се ограничиме само на NBA) претрпела многу измени во правилата, што севкупно земено, до денес претставува своевидна еволуција, имајќи ги во предвид тежината и новите компликации кои истите ги носат. Дури и воведувањето на шутот за три поени во сезоната 1979/80 (
Ајде брзо кој ја пукна првата тројка у лига?-К.) не може да се смета како предност за кошаркарите и олеснување во нападот (со цел постигнување повеќе поени, нели), бидејќи од првиот момент ја растегнал противничката одбрана и тренерите веднаш почнале со градење стратегии како да го оневозможат убиствениот шут од дистанца.
Покомплицираните правила иницирале нови посложени тактики и стратегии на тренерите, кои само физички поспремни и технички попотковани играчи можеле да ги реализираат. А за да се створат тие играчи, тренерите почнале да воведуваат понапредни тренинзи (во оваа категорија може да влезе и допингувањето :-) ). И така, во продолжение се креира еден домино ефект на прогресија во речиси сите елементи на кошарката.
Притоа, и самите кошаркарски ѕвезди биле иницијатори на тие мини-еволутивни скокови. На пример, поради Mikan е воведено правилото на неправилна блокада (познатиот goaltending).
Поради доминацијата на Chamberlain на велико почнало да се користи удвојувањето. Поради разорноста на Dawkins ставија зглобни обрачи (да, да и ова има врска).
Поради прецизноста на Jordan и утројувањето доби на сила....
За да сфатите полесно за што зборам, а да не развивам цела математичка теорија, само би вовел една фиктивна величина што би ја нарекол “комплексност на кошарката“ или “тежина на натпреварувањето“ (нека биде BC – Basketball Complexity или Basketball Competition) - (
ова одма да го патентираш) која пропорционално би зависела од времето - t. Останува уште да се погледне зависноста (која нормално не е линеарна заради разликата во тежина на промените воведени во кошарката) на овие две величини прикажана на графикот (земен е периодот од 1946 па до 2006, пред се пoради егзистенцијата на NBA).
Ако малку подобро ја анализирате, тука има разлика во нејзиниот раст, т.е. периодите на 60-тите и 80-тите се оние во кои концептите на кошарката повеќе се промениле, предизвикани од наглиот пораст на квалитетни кошаркари, како и промени на стратегии и правила, додека пак во 70-тите и 90-тите имаме одредена стагнација (но сепак прогресивна), поради повредите на клучните ѕвезди (Walton, Unseld, …), retire-инзите на Jordan, брзото и изненадно повлекување на некои играчи во зенитот на кошаркарските кариери (Magic, Bird, Петро, ..) или конвергирањето и стабилизирањето на концептите на играта.

Имајќи ја во предвид оваа еволутивна крива, се релативизираат оние претходно наведени атрибути од типот на “Нај“. Ако за најдобриот на сите времиња и нема некои популарни и конструктивни дебати (иако барем јас имам тука што да кажам-
Кажуј!), тогаш многу копја се кршат околу тоа кој е најдобриот играч на сите времиња што играл на центарска позиција (воглавно тука се врти муабетот околу Mikan, Chamberlain, Jabbar и O’Neal, иако тука некаде би ги ставил и Russell, Reed, Walton, M. Malone, Olajuwon -
Хаким не е тука некаде, тој е со тие момци погоре …).
Mikan многу тешко би се снашол во периодот кога Wilt и Jabbar биле во лигата, зошто тактичкото удвојување во негово време не ни постоело, па неговата доминација во тие години била евидентна. Од друга страна пак Chamberlain, па и Jabbar не би биле толку доминантни како во нивните играчки периоди (кога имаме дури и помали димензии на рекетот), доколку би се нашле во ерата на Shaq, пред се заради многу пософистицираните одбранбени тактики против кои не е доволно центарот да има само висина, јака мускулатура и тежина, туку е потребна и брзина и разорност која ја има Shaq (освен во последнава сезона), но и психолошка подготвеност да се справи со современите тактики за запирање еден центар од таков калибар (вклучувајќи го тука и намерното фаулирање).
Жив пример за тоа е и изјавата на Olajuwon, кој играше и против Jabbar и против O’Neal, веднаш после финалето 1995 година кога неговите Houston го “искичмија“ Orlando на Shaq: “
Треба да се сменат многу работи за да може успешно да се чува овој човек“.

Сличен сомнеж би паднал и врз хипотезата дека Дражен е најдобар европски играч што некогаш заиграл во NBA. Бранителите на оваа претпоставка како најсилен аргумент го исфрлуваат оној за тоа дека Петро се снашол во NBA и покрај тоа што во тој период било многу потешко за европјаните и останатите неамериканци да влезат во лигата, а камоли да успеат.
Тоа е само донекаде вистина, пред се заради недовербата на кошаркарските скаути во квалитетите на “странците“. Но, факт е дека европската и воопшто неамериканската кошарка во периодот на седумдесетите и осумдесетите беше на далеку пониско ниво на квалитет од тоа што е денес, па и многу потешко било да се најдат таленти како Дражен. Сигурно од аспект на конкурентност (не сметајќи тука бирократски и административни причини, кои малку го закочиле Дражен и останатите европјани пред 90-те години) многу потешко му било на еден Nowitzki во така силна конкуренција на потенцијални европјани кои би заиграле (рака на срце многумина од нив по година-две ја напуштија лигата или воопшто не заиграле во неа) во NBA во втората половина на деведесетите (како Даниловиќ, Туркчан, Стојаковиќ, Бодирога, Сабонис…) да се избори за место во елитата и да стигне до самиот врв. Нешто што Дражен за жал не успеа да го достигне до крај. Денес младите кошаркари од Европа и светот многу пософистицирано се потковуваат од страна на тренерите со понапредни методи и тренинзи на лагер, за да станат идни кошаркарски ѕвезди без разлика каде да настапуваат. А за тоа голема заслуга има и самиот Петро.



Затоа сите треба да размислиме уште еднаш, дали да го оставиме Jordan сеуште на врвот, дали да им се клањаме на оние рекордни 100 поени постигнати на Chamberlain или дали да оставиме да не импресионираат оние 22.5 скока по натпревар на Russell.
Можеби во последниве неколку сезони сведоци сме на еден куп подобри играчи од Michael (како потенцијални: Kobe, Wade, James, Nowitzki, Nash, Stoudamire…) -
(Ни како потенцијални, ни никако подобри од Мајкл)..., но заради поголемиот еволутивен степен на денешната кошарка и поголемата конкуретност
(еволутивниот степен во споредба со времето на Мајкл не е нешто забележлив, а во некои области имаме и дееволуција), нивната доминација не е толку видлива и не можеме да ги идентификуваме како такви.
Споредбата би била најрелевантна доколку на сите тие играчи од различни ери би им се овозможило да се натпреваруваат во исти кошаркарски услови. Треба да се има голема почит кон играчите од историјата, но како играчи кои доминирале во нивните периоди и предизвикале еволуција и револуција во кошарката, а не 100% да го глобализираме нивниот ефект.
Впрочем една добра работа што го направи раководството на NBA лигата на 35-годишнината и 50-годишнината од своето постоење е изборот на 35 односно 50 најдобри играчи, соодветно, наместо да избере еден најдобар.
Почитта кон само еден не би била фер и би била нереална.