Wednesday, June 21, 2006

Top of the world
Мајами е новиот шампион, колку и да тоа изгледаше како невозможна мисија по двете први средби во Далас. Мајами го има Двејн Вејд, кој во моментов слободно можеме да кажеме дека е најдобриот играч во лигата. Мајами го има Шекил О'Нил, кој кога пред две години пристигна во клубот им вети на фановите шампионска парада. Мајами го има Пет Рајли, кој кога пред 11 сезони застана на кормилото гарантираше титула. Мајами го има својот долгогодишен симбол Алонзо Морнинг, кој конечно, по неколку сезони исполнети со агонија стигна до заслужената цел. Мајами ги има Гери Пејтон и Ентоан Вокер, кои по многу неуспешни обиди си го најдоа своето место под сонцето на Флорида и се закитија со своите први шампионски прстени. Мајами, барем до следното време ова лето, во свои раце го има "Лери О'Браен" трофејот и во следните година дена ќе биде мерило за успех и тим кој другите 29 НБА екипи ќе се обидуваат да го симнат од тронот. Преку 36 поени на МВП-то на финалето - Вејд, дабл-дабл ефектите на Јудонис Хаслем, Ентоан Вокер и енергијата на Алонзо, Мајами ја одигра својата веројатно најдобра средба на гости сезонава за победа од 95-92 сред Далас и крај на серијата од 4-2 во нивна корист. Формулата која ја донесе титулата на Флорида беше формирана пред две лета, а минатото претрпе неколку измени од страна на Рајли. Покрај ангажирањето на неколку ветерани, минатото лето се изврши и прераспределба на улогите која беше евидентна во овој плеј-оф и посебно во ова финале. Шекил веќе не е најдобриот играч на Мајами, откако шестата средба ја заврши со само девет поени, а финалето со просек од 13.7 по натпревар. Лидер на Хит сега е Вејд, кој со просек од 34.7 поени сосема заслужено беше прогласен за МВП на финаето и кој повторно, кога делуваше како да Мајами пак ќе падне во Тексас, беше тука да ја одигра улогата на спасител. Секогаш кога гостите ќе паднеа во дупка, Двејн беше тука да ги извади. Почнувајќи од седумте поени во серија кога Далас поведе со 26-12 на стартот, па се до петте слободни во последните две минути со кои ја запечати титулата. Сепак, на оваа средба не беше само Вејд тој кој го носеше Мајами. Тука беа изненадно добрите партии на Хаслем и Вокер, тимската игра на Шек и огромната желба за победа на Морнинг кои едноставно беа премногу за загубените Мавси. Мајами е новиот шампион, колку и да тоа изгледаше како невозможна мисија по двете први средби во Далас. (Текст за у новини)