Saturday, September 17, 2005

Никој не го сака Дебелиот
Каква разлика можат да направат неколку месеци? Најдобар одговор на ова прашање може да ви даде Еди Кари. Пред некои пет месеци скоро секое НБА списание или портал во најавата за најпожелните фри ејџенти ова лето некаде при врвот на листата го ставаше името на крилниот центар (со желба да биде центар) на Булси. Но, само една вест во форма на лекарска дијагноза беше доволна да се сруши сонот на дебелиот за тоа да спие на максимален договор кој ќе го обезбедеше до крајот на животот. Не дека сега нема пари за леб, но 70-80 милиончиња, колку што тој мисли дека вреди се ненормални пари, кои би станале уште поненормални кога би се нашол некој и да му ги понуди. Но, иако има уште по некој останат, времето на такви лудаци на чело на клубовите по се изгледа помина, за што најдобар доказ беше и годинешниов драфт. Нормално, факт е дека доколку на Еди не му беше пронајдена срцева мана (зголемено срце - нешто што претставува комплетна иронија, затоа што Еди на теренот ни во еден момент нема покажано дека има нешто наречено СРЦЕ) ќе се најдеше некој "паметен" да му го исполни сонот, но тоа е само дел од приказната. Покрај тоа што ниту една осигурителна куќа не сакаше здравствено да го осигура и самиот Кари си е крив за тоа што никој не го сака. Кога летово Атланта му организираше грандиозна посета на клубот и градот, правејќи го крал за еден ден, Еди таму се појавил видно здебелен. Но, ни тоа многу не ги изнервирало Хоукси, кои имале разбирање со оглед дека Еди не тренирал месец дена, но кога на сред турнеја низ градот тој по само еден разговор ја свртел лимузината и набрзина заминал од Атланта, со објаснување дека на некој негов пријател му се родила ќерка, секој во организацијата на Хоукси станал свесен дека не сака да си има работа со некој така неозбилен тип и наместо кај Еди, 70 милиони заминаа на адресата на Џо Џонсон, што е далеку попаметен потег. Сега, отпишан од листата на секој НБА клуб освен неговите Булси, дебелиот со наведната глава ќе мора да прифати "само" 5.14 милиони за едногодишен договор, да се стави на дијета и да се надева дека срцето ќе му биде ОК за да може да одигра квалитетна сезона по која некој и би се загреал за него, нормално за парите кои тој мисли дека ги заслужува. Нешто слично лани направи Стромајл Свифт, но откако и прошлото лето никој нејќеше да фрла пари на него и одиграната просечна сезона, се скраси во Хјустон кој го потпиша за просечен НБА договор. А кога само ќе ми текнуе дека Кари у средно го викаа Бејби Шек....човече, има ли поутнат надимак од тој (Мајнер-бејби Џордан не се рачуна:).

0 Comments:

Post a Comment

<< Home