Wednesday, March 02, 2005

Пистонси повторно немоќни против големите Вејд и Шек
Мајами и порано бил вака блиску до финалето, но никогаш со вака комотно водство и никогаш со поголема самодоверба (like now). По кој знае кој пат во своите кариери, Двејн Вејд докажа дека нема човек на планетава кој може да го чува кога ќе влезе во ритам, а Шекил О'Нил докажа дека нема човек кој може да го спречи кога ќе прими топка во рекетот. На четвртата средба од серијата со Пистонси, Мајами тоа го искомбинира со цврста и активна одбрана и одлична последна четвртина за победа од 89-78 и водство од 3-1 во финалето на Истокот. Тоа ги става Хит на еден чекор до големото финале, со три меч топки во своја рака. Минатата сезона тие водеа со 3-2 против Пистонси, но ги загубија следните две средби, создавајќи глад која можат да ја задоволат со само уште една победа во оваа серија. Клучот на подобрата игра оваа година лежи во новите имиња, но и во пристапот на Мајами кон секоја средба како да е седма, нешто за што најзаслужен е Пет Рајли. Тој нивен пристап беше евидентен и на 4. дуел, кој по израмнетиот старт во втората четвртина ги исфрли на виделина сите позитивни карактеристики на "жешките". Така, можевме да го видиме Џејмс Поузи како се фрла по топка во првиот ред од трибините, влетувајќи директно во познатите ар-ен-би ѕвезди Ашер и Џермејн Дупри. Го видовме Ентоан Вокер на влез како го изнудува третиот фаул на Рашид Волас, а потоа и им покажа три прсти на резервите на Пистонси, колку да ги потсети кој прекшом му е по ред на Шид. Го видовме Шек, кој застана на 21 поени и девет скокови, како потстетува на времето кога играше за Орландо, блокирајќи го пасот на Ричард Хамилтон и водејќи ја топката до кошот на Детроит ореку целиот терен за лесно положување. И на крај, бевме сведоци на растот на големината наречена Двејн Вејд, кој погоди одлични 8-11 од поле за конечни 31 поени. Сепак, и покрај одличната игра на Мајами, гостите на полувремето заминаа со минус од само шест поени, минус кој по седум минути игра во третата четвртина станаа плус седум, најмногу по заслуга на зоната за која Хит немаа решение и која не му дозволуваше на Вејд да прими топка. Пистонси беа во добра позиција да изедначат на 2-2, но ударното трио Билапс и двајцата Воласи влегоа во проблеми со лични, а и Вејд не можеше долго да остане во сенка на нивната одбрана. Поените на Двејн од зад грб под фаул од Антонио МекДајс на средината од последниот период ставија точка на средбата и ги деморализираа Пистонси на пет минути до крајот, кога Мајами поведе со плус 12 (79-67). Ол-Старот не само што уфрли 12 поени во тие 12 минути, туку и имаше две големи асистенции за тројки на Поузи и Гери Пејтон. Гостите се обидоа со се да го запрват во финишот, но залудно. Нешто на што ќе мора да поработат доколку уште вечерва не сакаат да си ја завршта сезоната, и тоа на домашен терен во Детроит.
* * * * *
Играчите на Детроит се познати по тоа што секогаш на погрешно место ја бараат причината за речиси секој нивни пораз, а овој пат, за да не се свртат кон Флип Сандерс, тие им се свртеа на оние кои се најлесни мети, судиите. Но, судиите не се виновни што Пистонси толку се истрошија во текот на сезоната па сега и физички и психички почнуваат да паѓаат кога е најпотребно. Не се судиите виновни за тоа што тие не можат да одржат високо ниво на игра во текот на сите 48 минути. Играчите се подеднакво виновни колку и тренерот, но оваа серија неизбежно стана референдум на тренерските плеј-оф квалитети на Сандерс.
* * * * *
По средбата, ветеранот Пејтон не ја криеше воодушевеноста од играта на младиот Вејд. "Тој е неверојатен, феноменален играч. Тој прави толку многу работи на теренот, погодува од дистанца, забива и положува, ја ремети целата одбрана на противникот. Тие се обидуваат со се и сешто да го задржат, а тој одговара на секој предизвик. Ги прави вистинските потези во вистинските моменти, а токму тоа и ни треба од него" - изјави ветеранот.